Потпишан договор: Во Пробиштип ќе се гради модерна леарница
Официјализиран е договорот за новата инвестиција во Пробиштип вредна 15 милиони евра. Предвидено е да гради лераница по највисоки еколошки стандарди во која ќе работат 280 луѓе, што ќе значи многу за регионот во кој невработеноста е главниот проблем...

Ставен е потпис на договорот за новата инвестиција во Пробиштип вредна 15 милиони евра. Компанијата „Краунфилд Фаундри“, која е со доминантен руски капитал, ќе гради леарница во која е предвидено да работат 280 луѓе. Производството треба да стартува за една година.
„Ние разгледувавме повеќе локации во Европа, во прв ред на Балканот и Источна Европа. Сметаме дека Македонија е најсоодветното место за водење бизнис, пред сè како резултат на европската локација, лесниот и брз пристап до пазарите во Европа и во Русија, привлечната бизнис – клима, конкурентните трошоци, квалификуваната работна сила и поддршката од Владата“, изјави Дариус Џуба, главен извршен директор на компанијата.
Инвеститорот најави модерени автоматизиран капацитет што ќе работи по високи еколошки стандарди, по теркот на фабрикте во Германија, Франција и Полска. Леарницата ќе ја проектира и гради холандската фирма „Гемко“, специјализирана за вакви капацитети, а веќе е поднесена и студијата влијанието врз животната средина.
„Оваа инвестиција за Пробиштип и за околината ќе значи зголемување на вработеноста, вложување во човечки капитал преку обуки и трансфер на знаење, зголемен извоз, а ќе го поттикне и домашното стопанство преку преку мрежата на локални добавувачи“, нагласи Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестици.
Паралено со изградбата ќе одат и вработувањата. Се бараат високообразовани, квалификувани кадри, а во план се и нови вложувања.
„Инвеститорот најави и можност и од дополнителни вложувања во нова производна линија во следните 4 до 5 години, што ќе значи и нови вработувања. Отворањето нови работни места е наша основна цел и затоа продолжуваме да работиме во насока во најскоро време да имаме и други компании кои ќе го следат примерот на Краунфилд Фаундри“, изјави премиерот Никола Груевски.
Општинските власти сметаат дека новата инвестиција ќе го реши горливиот проблем во регионот.
„Со оваа инвестиција ќе го запреме трендот на миграција на младите и квалитетни кадри од овој регион“, рече градоначалникот на пробиштип Тони Тоневски.
Властите велат дека со производството од новата леарница за железо и алуминиум ќе се зајакне имиџот на Македонија како дестинација за компаниите од автомобилската индустрија, кои соработуваат со „Краунфилд Фаундри“.
Мартин Пушевски
