УЕФА Европа лига – 3 коло квалификации

Работнички не се плаши од Трабзонспор

29.07.2015 15:47

Турската екипа нема трофејна европска историја, но има фудбалери од типот на Кардозо, Босингва и Мбиа и вреди стотици милиони евра. Затоа предизвикот во третото квалификациско коло во УЕФА Европа лигата е двоен за романтичарите...

Работнички игра добро, константно и затоа заслужи двомеч со  уште еден противник со звучни имиња, Трабзонспор. Турската екипа нема трофејна европска историја, но има фудбалери од типот на Кардозо, Босингва и Мбиа и вреди стотици милиони евра. Затоа предизвикот во третото квалификациско коло во УЕФА Европа лигата е двоен за романтичарите. Дуелите со Флора и со Јелгава, најавуваат дека екипата од Дебар маало, може да биде конкурента, особено утре во првиот натпревар на домашен терен.  

„Не сакаме на овој натпревар да бидеме само учесници, туку да одиграме на високо ниво. Нема да менуваме ништо во нашиот офанзивен пристап. Мојата девиза  е дека на овој натпревар можеме да добиеме многу“, изјави тренерот на Работнички, Игор Ангеловски.

Минатата сезона Трабзон беше петти во турското првенство, досега има едно учество во фазата по групи во Лигата на шампионити и трипати играше во шеснаестинафиналето на Европската лига. Доволно причини за респект, но не и за преценување на неговите несомнени вредности.

„Ве уверувам дека на Трабзон нема да му биде иако некои тоа го мислат. Верувам во своите соиграчи дека можеме да направиме изненадување и добар резултат, а тоа за мене е победа,“ оптимсте е капитенот на Работнички, Баже Илијоски.

Трабзон е фаворит, но фудбалерите на Работнички се подготвени за надигрување утре на Националната Арена со почеток од 20 часот, како некогаш во натпреварите со Лил, Болтон, Одензе, Ливерпул и со Лацио. Ова ќе биде шестипат во последниве девет години, Работнички да биде дел од третото елиминациско европско ниво.