Се укинува законот за хонорарци
Укинувањето на мерката, вели вицепремиерот Ставрески се прави од причина што сега постојат други мерки со кои на работниците им се исплаќаат придонесите, а тоа се трансформацијата на вработувањата и реализацијата на проектот Македонија вработува...

Се укинува законот за задолжително плаќање придонеси за хонорарците. На синоќешната владина седница, донесена е одлука – сите оние кои заработуваат по основ на авторски договор или хонорар од први август да не плаќаат придонеси за здравствено и за пензиско осигурување.
Укинувањето на мерката, вели вицепремиерот Ставрески се прави од причина што сега постојат други мерки со кои на работниците им се исплаќаат придонесите, а тоа се трансформацијата на вработувањата и реализацијата на проектот Македонија вработува.
„За исплатите што се вршат после 1 август немаат никаква обврска, независно дали исплатата се врши за постар период. Ако се изврши после 1 август, немаат обврска за пресметување и плаќање на придонеси, независно дали исплатата се однесува за јули, јуни или мај“, објасни вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
По први август единствено останува обврската за плаќање персонален данок, вели Ставрески.
„Покажува дека немаше никаква намера и дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку целта е едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор“, вели Ставрески.
Законот за задолжително плаќање придонеси за хонорарците, предвидуваше плаќање придонеси на суми над 21.000 за вработени и над 9.500 за невработените лица.
Анита Димитријевска
