Субвенции за истражувачите, интензивна модернизација на училиштата

29.07.2015 16:26

До први август трае огласот за финансиската поддршка од државата во износ од 30.000 денари за научен труд изработен лани. Летово интензивно работи на обнова и модернизација на училиштата...

Продолжува доделувањето на научни субвенции на домашни автори. До први август трае огласот за финансиската поддршка од државата во износ од 30.000 денари за научен труд изработен лани. Од 2012-та па досега 600 научници добиле субвенција за објавен труд во меѓународно списание со импакт фактор. Апликантите треба да исполнат неколку услови.

„Секој поквалитететн труд кој ги исполнува критериумите и стандардите ќе биде поддржан од Министерството, односно ќе му биде дадена финансиска поддршка на истражувачот заради трудот кој го спровел. Тоа е и еден директен стимул на државата за поквалитетна научно- истражувачка дејност“, вели заменик- министерот за образование,  Спиро Ристовски.

Покрај ова Mинистертвото за образование, летово интензивно работи на обнова и модернизација на училиштата. Нов лик добива и основното „Мирче Ацев“ во општината Ѓорче Петров. Во обнова на кровот, прозорците, вратите, санитарните јазли, модернизацијата на спортската сала и изградбата на две училници се вложени 30 милиони денари.

„Направена е и нова кујна за потребите на децата на ова училиште. По таков принцип ќе одиме и за другите училишта. Направена е и спортската сала, целосно реконструирана и оспособена“, вели градоначалникот Сокол Митровски.

За неколку недели треба да почне и доградбата на основното „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во населбата Хром.

 

Викторија Милевска