Жестока офанзива на Турција
Продолжувањето на ваквите активности од страна на Турција ќе се одрази врз односите меѓу Ирак и Турција на најнегативен можен начин, посочуваат ирачките власти. Но, Аанкара не планира да запре...

Додека турските воздухопловни сили ноќеска ги изведуваа најжестоките напади врз позициите на Курдската работничка партија во северен Ирак, владата и парламентот во Багдад побараа Анкара да прекине со нападите поради нарушување на суверенитетот на земјата.
Направена е огромна материјална штета, а се бројат и цивилните жртви. Продолжувањето на ваквите активности од страна на Турција ќе се одрази врз односите меѓу Ирак и Турција на најнегативен можен начин, посочуваат ирачките власти. Но, Аанкара не планира да запре.
„Нашиот повик за намалување на тензијата и на повикот на заедничка борба против Исламска држава не беше прифатен. Каде беа на 20-ти јуни кога беше извршен терористичкиот напад во Суруч? Сега ние ја испорачуваме казната, ќе бомбардираме се додека е потребно. Почнавме голема акција на северот на Ирак, повеќе бази се погодени со неверојатна точност, а уништен е и огромен арсенал на оружје“, изјави премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу.
Сепак, реалноста за вистинските причини на Турција за тековната офанзива не може да се камуфлира. Анкара ги бомбардира позициите на Курдите бидејќи не дозволува формирање на уште една слободна курдска територија.
Ширењето на конфликтот на средниот исток не ги остави рамнодушни и големите сили. Берлин веднаш предупреди дека се планираат терористички напади на подземната железница и на автобуските станици во Истанбул, во кој престојуваат многубројни германски туристи.
Поради ескалацијата на насилството и антитерористички операции, бројот на странски туристи во последната недела во Турција драстично се намалил.
Марија Петковска
