Ставрески: Хонораците нема да плаќаат придонеси, целта постигната преку други мерки
Од 1-ви август, хонорарците немаат задолжителна обврска за плаќање на придонесите...

Што ќе значи укинувањето на законот за хонорарци во пракса, во првиот Дневник, Билјана Василева Трендафилова разговараше со вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески...
Зошто Владата се одлучи на ваков потег?
Владата се одлучи на овој чекор затоа што со други мерки и политики ги исполнивме целите. Да потсетам, целите беа преку плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување да ги зголемиме работничките права и лицата што се ангажирани на авторски или друг тип на договори да можат да ги стекнат правата за здравствена и пензиска заштита и од друга страна да постигнеме поголема вработеност, односно таму каде што лицата биле неоправдано ангажирани на договорен работен однос, да им се трансформира истиот и да имаат редовен работен однос. Во меѓувреме, со оглед на реакциите кои ги имаше законот, ние сакавме да направиме анализи, да видиме дали имаме други начини да ја постигнеме целта и преку проектот „Македонија Вработува“ со кој досега имаме 4.000 вработувања, а очекуваме да се отворат 20.000, каде за овие лица се плаќаат од страна на владата придонесите, се постигнува дел од оваа цел. Второ, преку трансформацијата на на работниот однос на сите лица што со години работеа во јавниот сектор на договори на дело или авторски договори, сега им се трансформираше работниот однос во редовен, што значи и тие добиваат пензиска и здравствена заштита. Значи, постигната е и таа цел. И, трето, како што кажав владата го поддржува принципот на отвореност кога станува збор за предлози што доаѓаат од бизнис заедницата или од граѓаните, ако гледаме дека има аргументи, ако може на друг начин да се постигне целта, ние тоа го правиме, и така е и во оваа ситуација.
Ќе има ли финансиски импликации од укинувањето на Законот за хонорарци?
Самиот закон не носеше поголеми приходи. Ние кажавме и на почетокот дека целта воопшто не е да се приберат средства во буџетот, туку целта е да се зголемат правата од аспект на пензиска и здравствена заштита за работниците. Се на се околу 220 до 250 милиони денари се приходите во пензиоскиот и здравстевениот фонд од оваа мерка, така што немаме поголем проблем да го менаџираме тоа на друг начин.
Рековте дека овој закон ќе важи од 1-ви август. Што е со оние кои до 1-ви август ќе им се префрлат хонорари на сметките. Дали тие имаат законско и задолжително право да ги платат придонесите?
Да, за сите што заклучно на денот на донеување на Законот исплатиле хонорари имаат таква обврска. Значи ако до денес, или оваа недела исплатиле, пред да стапи во сила законот имаат обврска. Меѓутоа, ако од понеделник натака, или вторник, првиот работен ден во август ги исплаќаат хонорарите, веќе немаат обврска да пресметаат придонеси.
Овде сме во Собранието каде по итна постпака се носат низа економски закони за релаксирање на казнената политика, но и за подобрување на условите во бизнис заедницата. Кои конкретно закони ќе се донесат?
Ќе донесеме 20-тина закони кои покриваат над 80% од казнената материја, кога станува збор за најчести прекршоци кои се изрекуваат. Тука влегуваат голем број закони од сферата на финансиите, Законот за додадена вредност, за регистрирање на готовинските плаќања, закони од областа на Министерството за економија, како законот затрговија, за угоститлески услуги, законот за семе и семенски материјал од областа на земјоделието и влкучително и законот за безбедност на сообраќајот. Една група на закони со кои што во пракса ќе го примениме она што Законот за прекршоци ни го овозможува, а тоа е драстично да се намалат казните. Кај најмалите субјекти, како дуќаните кои имаат до 10 вработени, 6 до 7 пати ќе се намалат казните во однос на сегашното ниво, доколку претходно не биле казнети за истата работа. Кај средните субјекти намалувањето ќе изнесува од 2 до 4 пати, што значи едно големо намалување на казните и релаксирање на бизнис амбиентот, што е едно од барањата на бизнис заедницата и стапува во сила во август оваа година.
