МВР

Рачна бомба ја предизвика експлозијата кај СВР Скопје, се трага по сторителот

30.07.2015 13:03

Неколку возила се оштетени, но за среќа нема повредени по синоќешната експлозија предизвикана од рачна бомба во СВР Скопје во Аеродром. Засега се утврдуваат мотивите за инцидентот и се трага по сторителот, информираа денеска во Министерството за внатрешни работи...

Детонација ги вознемири жителите на скопски Аеродром. Во текот на ноќта, на тротоарот до дворот на Секторот за внатрешни работи во Скопје експлодираше кашикара. Рачната бомба ја фрлил непознат сторител и побегнал. Полицијата направи увид на местото, но засега нема индиции кој стои зад инцидентот, ниту пак се знае кои се мотивите на напаѓачот.

Десеттина минути по полноќ одекна експлозија во скопската полиција. За среќа во инцидентот нема повредени, но причинета е поголема материјална штета.

Во експлозијата се искршени три прозорци на полициската станица, а оштетени се и три паркирани возила. Од МВР експлозијата не ја поврзуваат со нападите на другите полициски станици што се случија во изминатиот период во Тетово и во Куманово.

„Станува збор за сосем различна експлозивна направа. Во претходните случаи стануваше збор за експлозив којшто беше подметнат и активиран, односно детониран, додека во последниов случај, според првичните сознанија со кои раполагаме и од направениот увид, како и според мислењата на вештите лица од Секторот за антитероризам, станува збор за класична рачна бомба“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.

По вчерашниот инцидент, вооружени полицајци го чуваа објектот.

 

Анита Димитријевска