Работнички и против Трабзонспор оди на победа
Последниот од четирите македонски претставници во летните квалификации одигра рутински и со манир на искусна екипа во претходните две рунди против балтичките ривали Флора и Јелгава...

Работнички подготвено и крајно мотивиран го дочекува натпреварот со Трабзон. Последниот од четирите македонски претставници во летните квалификации одигра рутински и со манир на искусна екипа во претходните две рунди против балтичките ривали Флора и Јелгава. За разлика од тие дуели кога романтичарите беа во улога на носители и во реваншот на „Филип 2“ арена го решаваа патникот во следното коло, овојпат улогите се сосема поинакви. Работнички првиот меч од 3 коло во квалификациите за Л Е има ривал од југот на континентот, кој според рејтингот е фаворизиран затоа што е чест учесник во групната фаза во еврокуповите, а еднаш беше и во Л Ш. Тренерот Игор Ангеловски најави дека тимот што победува ќе остане непроменет, а капитенот Баже Илиоски најавува жестока битка и продолжување на серијата победи на домашен терен.
Според резултатите во домашните натпреварувања Трабзонспор е дел од големата четворка со вкупно 22 трофеи и е најуспешен клуб турскиот фудбал надвор од ривалите од Истанбул, Галатасарај, Фенербахче и Бешикташ. Но, случувањата по доаѓањето во Скопје се далеку од манирите на еден голем клуб. Кавгата меѓу тренерот и капитенот резултира со оставка на првиот човек од клупата Шота Арвеладзе, кој сепак најави дека ќе го води тимот вечерва во Скопје. Капитенот Онур Кирвак си замина во Турција, а оставка најави и спортскиот директор Сулајман Хурма. Ако се знае дека во составот ќе ги нема квартетот најдобри играчи меѓу кои интернационалците Стефан Мбиа и Жозе Босингва, како и турските Мехмет Икичи и Дениз Јилмаз, шансите на Работнички за успех се уште поизгледни. Сепак, Арвеладзе и новиот капитен Демирок најавуваат дека Трабзон е голем клуб и така треба да се однесува на теренот уште во Скопје, каде што и покрај сите превирања очекуваат полн погодок. Едно е сигурно, вечерва на нашиот најголем стадион љубителите на фудбалот може да очекуваат уште една, за наши услови врвна меѓународна фудбалска претстава.
