Градежна комора: Цените на становите реални, услови да се намалат нема
Од Градежната комора реагираат на објавеното истражување на консултантската агенција „Фортон“ која заклучи дека цената на становите е висока, бидејќи градежните компании остваруваат профити и до 40 проценти...

Просечната цена на станбениот квадрат во Скопје се движи околу 900 евра и таа се формира според пазарните услови, велат од Градежната комора. Реагираат на објавеното истражување на консултантската агенција „Фортон“ која заклучи дека цената на становите е висока, бидејќи градежните компании остваруваат профити и до 40 проценти.
„Во Скопје производната цена на метар квадратен нето станбен простор е околу 900 евра, а не помеѓу 450 и 660 евра“, изјави Ивиица Јакимовски од Групацијата за високоградба при Градежната комора.
Годишно се градат околу 3.000 станови во метрополата, услови за да се намалат цените нема, велат од градежната комора. Објаснуваат- цената на земјиштето и комуналиите се главен инпут за формирање на продажната цена во Скопје, која е речиси за 90 проценти повисока од внатрешноста.
„90% е поскапо земијштето во Скопје. Ние, фирмите конкуренти се бориме кој подобра локација да земе, само за да ги прорадеме становите“, вели Зоран Дабевски, сопственик на градежна компанија.
Просечната цена на метар квадратен стан во регионот последниве години забележа драстичен пад. Најниска е цената на становите во Софија и таа се движи околу 500 евра. Во Црна Гора изнесува околу 1.050 евра. Цените на квадрат во Сараево се движат од 613 евра па нагоре. Во Хрватска продажбата на цената на метар квадратен е падната за 35 %.
Дијана Ценевска
