Инвестиција

Потпишан договор со „ОДВ Електрик“, планирани 1.000 вработувања

30.07.2015 15:58

Германците ставија потпис на договорот за инвестицијата вредна 15 милиони евра, која треба да отвори 1.000 работни места. Компанијата, која во моментов е во фаза на пробно производство, во новиот капацитет треба да се пресели кон средината на идната година...

За две недели почнува изградбата на новата фабрика на „ОДВ Електрик“ во Охридско – Струшката слободна економска зона. Германците ставија потпис на договорот за инвестицијата вредна 15 милиони евра, која треба да отвори 1.000 работни места. Компанијата, која во моментов е во фаза на пробно производство, во новиот капацитет треба да се пресели кон средината на идната година.

„Во овој момент, „ОДВ Електрик“ има пробно производство во Охрид со повеќе од 130 вработени во три смени. До крајот на годинава очекуваме да имаме повеќе од 150 вработени“, изјави Лудвиг Батон, извршен директор на компанијата.

Првичниот контакт со „ОДВ Електрик“ беше воспоставен на крајот од 2013-та, а една година подоцна компанијата почна да работи во земјава. Директорот Батон вели дека обртот двојно се зголемил во последниве години, што ја наметнало потребата од нов капацитет во Европа. Ја скенирале Македонија, но и Молдавија, Белорусија, Бугарија, Србија.

„Предноста на целиот процес се состоеше во тоа што македонската Влада има создадено организација која точно знае што очекуваат потенцијалните инвеститори и што им е потребно“, нагласи Батон.

„ОДВ Електрик“ во моментов оперира во Германија, Унгарија, Украина и Македонија и вработува вкупно 2.000 луѓе.

„Вкупно е планирано во Македонија да се вработат 1.000 луѓе, што значи дека овој погон ќе биде сличен на овој што го имаат во Украина“, рече Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.

Како ќе се гради новата фабрика, така ќе се реализира и процесот на вработување.

„Владата и во иднина останува посветена на привлекувањето странски инвестиции, посветена на отворање фабрики и нови работни места. Бизнис – заедницата секогаш може да смета на отвореноста на Владата за поддршка и решавање на предизвиците со коишто се соочуваа, на создавање на деловниот амбиент и клима погодни за позитивни деловни резултати од што корист има целата држава“, истакна премиерот Никола Груевски.

„ОДВ Електрик“ е германска семејна компанија за производство на автомобилски компоненти, основана во 1970-та година.

Мартин Пушевски