Прилеп наскоро ќе добие втора социјална зграда

31.07.2015 10:41

Готови се становите за 76 социјално загрозени семејства кои ќе се вселат во свој дом. Се чека на конкурсот од Министерството за транспорт и врски...

Готова е социјалната зграда во прилепската населба Точила. 76 семејства, социјално загрозени, деца без родители, лица со посебни потреби, ќе добијат нов дом изграден според сите стандарди. Се чека на конкурсот од Министерството за транспорт и врски.

„По распишувањето на конкурсот од министерството за транспорт и врски ќе го најдат свој дом, ќе се вдомат во оваа зграда која е направена според сите норми, со енергетска заштита, со лифтови и санитарија“, вели Драган Василески, директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен простор.

Ова е втора социјална зграда во прилепската населба Точила. Градот ќе го реши станбеното прашање на уште 76  семејства од ранливите категории и задолжен е да ја уреди околината.

„Ова е голема работа за градот, а понатаму, локалната самоуправа ќ го доопшреми целиот овој простор во населбата Точила 2. Односно, мала реконструкција на зелените површини, канделабрите, на пешачките патеки и целата населба ќе добие нов лик“, изјави прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Прилеп располага со уште една локација за трета социјална зграда. Според надлежните, има расположение во Министерството за транспорт и врски в година да се градат нови социјални станови.

 

Елизабета Митреска