Газдите на „Кранфилд“ тврдат – работиме по светски стандарди
„Кранфилд Фаундри“ ќе гради леарница во Пробиштип. По реакциите на екологистите за влијанието врз животната средина газдите на инвестицијата тврдат- работиме според светските стандарди. Ќе користат најмодерна технологија...

„Не се работи за топилница, туку за леарница на железо, која ќе произведува со еколошки чиста технологија и нема да загадува“. Оваа смирувачка порака ја испрати менаџментот на „Кранфилд Фаундри“, компанијата инвеститор во Пробиштип, откако дел од екологистите изразија загриженост за влијанието врз животната средина.
„Во леарницата ќе користиме најмодерна технологија, еколошки чиста технологија која е достапна во современиот свет. Вакви капацитети се градат низ Европа, во самите градови или во непосредна близина, но под еден услов – да ги задоволуваат стандардите предвидени со европското законодавство“, изјави Дариус Џуба, главен извршен директор на компанијата.
Леарницата ќе ја проектира и гради холандската фирма „Гемко“, која е специјализирана за вакви капацитети, а тесно ќе соработува со германската „Ото Јункер“ и данската „Диса“, кои се лидери во оваа индустрија. Во моментов се бара менаџерскиот и инженерскиот тим, по што ќе се ангажираат и работници за производство.
„Сакаме со производството од леарницата да го покриваме европскиот пазар. Македонија се чинеше како најдоброто место за инвестирање, со добра локација и бизнис- опкружување. Планираме да вработиме високообразовани луѓе, да отвориме околу 300 работни места“, нагласи Сергеј Кручинин, сопственик на компанијата.
Македонските власти велат дека ваков вид капацитети постојат речиси во сите поголеми градови во западна Европа, особено во оние кои претставуваат центри на автомобилската индустрија, со цел заокружување на производствениот процес. Стандардите во работата се многу важни, за да се задоволат вкусовите на пребирливите компании од автомото секторот.
„Ваков вид леарница не постои во Македонија. Се работи за модерна и зелена леарница што ќе биде пример за Република Македонија и за другите земји од регионот. Граѓаните не треба да бидат вознемирени, бидејќи ќе бидат запазени сите еколошки стандарди“, вели Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестиции.
Инвестицијата на „Кранфилд Фаундри“ во Пробиштип се проценува на 15 милиони евра. Во леарницата треба да се вработат 280 луѓе.
Мартин Пушевски
