Мигрантите упорни кон Евротунелот, Британија и Франција со засилени мерки

31.07.2015 16:03

Штом ќе се смрачи, околу Евротунелот станува раздвижено. По неколку дена обиди веќе е рутински и организирано. Стотици мигранти се сјатуваат околу тазе закрпените огради. Ја сечат првата и се пробиваат напред отворајќи пат за жените и за децата, а потоа и другата. Од овде скокаат на брзата лента – воз во движење или товарен камион...

За едните прашање на живот или смрт, за другите сообраќајна криза. И ноќеска мигранти јуришаа на Евротунелот кон Велика Британија. Итно заседаваше комитетот „Кобра“ на кабинетот на премиерот Камерон. Во Кале ќе се испратат дополнителни кучиња трагачи, камери и ограда да им се помогне на Французите. Се зборувало и војската да се вклучи во копнена операција во Кент, но од армијата велат дека „планот е се уште во рана фаза и војската нема да ја има главната улога“.

„Ситуацијата е неприфатлива и владата има приоритет да се справи со неа на секој начин. Луѓе се обидуваат да влезат илегално во Британија, а камионџиите и туристите се соочуваат со доцнења. Не исклучуваме ништо при решавањето на проблемот, работиме на случајот“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.

Штом ќе се смрачи, околу Евротунелот станува раздвижено. По неколку дена обиди веќе е рутински и организирано. Стотици мигранти се сјатуваат околу тазе закрпените огради. Ја сечат првата и се пробиваат напред отворајќи пат за жените и за децата, а потоа и другата. Од овде скокаат на брзата лента – воз во движење или товарен камион.

„Овој или друг тунел – се едно. Навечер тргнуваме против полицијата. Секаде демне опасност“, вели еден мигрант.

„Опасно е, за децата, за бремените жени, за сите. Не прскаат со спреј и не можеме да гледаме“, сведочи една мигрантка.

На бавната лента шест илјади големи камиони, паркирани во три колони, чекаат решение на мигрантската криза за да продолжат кон нивната дестинација. И туристите се фрустрирани од доцнењето и нарушувањето на нивните планови. Британските медиуми ја критикуваат владата дека реагира премногу бавно, но ја осудуваат и Франција дека не се снашла и поради мекиот став кон мигрантите.

Лондон до сега вети 32 милиони евра за зголемување на безбедноста на францускиот крај од тунелот, а Париз распореди дополнителни 120 полицајци. Британскиот премиер Камерон му се заблагодари на францускиот претседател Оланд за мерките што веќе имале некаков ефект и понуди соработка за да се намали притисокот на таа страна од границата.

 

Ивана Салтировска