Топлото време удри и по земјоделските приноси
Топлото време стрес и за земјоделските култури. Испарува водата од почвата. Најмногу на удар, пролетните, градинарските култури и младите насади...

Горештините - топлотен стрес и за земјоделските култури. Високите температури и недостигот од поголем дожд доведоа до суша. Ќе го загрозат и квалитетот на родот. Агрометеоролозите велат на удар се пролетните и градинарските култури, и младите насади. Поради подлабокиот корен, овошките и виновата лоза не се во опасност.
„Нашите пресметки покажуваат дека дневно од 6 до 9 милилитри вода се губи во почвата. Колку се зголемува лисната маса на земјоделските култури толку испарувањето и губитокот на вода е поголем. Ваквите временски состојби секако дека не се поволни за земјоделските култури“, изјави Силвана Стефкова, агрометеоролог - УХМР.
Состојбата кај водотеците не е алармантна, велат хидролозите. За водниот биланс природен репер се езерата, во Дојранско и Преспанско годинава има повеќе вода од истиот период лани. Топлто време влијаело само врз температурата на водата, која годинава е до три степени повисока.
„Во Дојранско Езеро имаме покачување од 150 сантиметри во однос на истиот ден минатата година, на Преспанско Езеро имаме покачување од 34 сантиметри. Изминатиот период имавме многу врнежи па состојбата засега не е алармантна и не може да се очекува суша“, вели Блага Уневска, хидролог - УХМР.
Високите температури продолжуваат и во наредните денови. Остануаат препораките за заштита од топлото време и високиот УВ индекс.
Андријана Атанасовска
