Се враќа фокусот на економијата
Компаниите во индустриските зони произведуваат и пласираат стока чија вредност е околу една третина од целокупниот извоз - премиерот Груевски вели дека се враќа фокусот на економијата. Политичката криза одложила дел од инвестициските одлуки и роуд-шоуата за промоција...

„Кризата креирана од опозицијата негативно влијаеше врз одлуката на инвеститорите да отвораат фабрики во Македонија. Затоа ние вложивме дополнителни напори да се надмине таквата состојба за да продолжи трендот на засилено отворање работни места“, одговори премиерот Груевски на пратеничко прашање за последиците од политичката стуација изминатите неколку месеци. Според него, ивестирањето во Македонија е една од стратешките цели на Владата, која вели, е силно посветена со максималните човечки ресурси што ги има на располагање.
„Се успеа да се донесат многу такви инвеститори како во зоните, така и надвор од зоните. На пример, речиси една третина од извозот веќе припаѓа на компаниите што се во зоните, но крупни компании дојдоа од странство и надвор од зоните како што е компанијата „Дрекселмајер“ која вработува огромен број луѓе и дека нивните планови одат уште нагоре за вработување. Или пак „Кронберг и Шуберт“ во Битола чијшто таргет е 2.500 вработувања“, изјави премиерот Никога Груевски.
Во технолошко- индустриските развојни зони произведуваат и извезуваат стока и добра чија вредност е веќе околу една третина од целокупниот извоз на земјава. Холандската компанија „Антура“ во Кочани, посочи тој, оди кон пополнување на бројот на 300 вработени што го има предвидено и најави дека дологорочно планираат да изградат и дополнителен капацитет откако овој ќе биде пополнет. Прогресираат и работите со втората компанија „Анфенол“ во Кочани.
„За нас е најважно, на прво место е да се отворат нови работни места, да се намали стапката на невработеност, да се вработат невработените, да им се даде можност, да им се даде перспектива да останат тука во Македонија, да не заминуваат, тука да ја најдат својата егзистенција“, нагласи премиерот Груевски.
Во однос на гасификацијата, тој информира дека во моментов гасоводот помеѓу Клечовце, Кумановско и Штип се гради со полна пареа. Планот е да биде завршен до јуни следната година. Владата работи на продолжување и на другите гасоводни краци.
Интензивно се градат и трите автопатски делници. Информацијата е дека досега се направени околу 700 километри локални патишта. За модернизирање на железницата, Владата набавила шест патнички возови вредни 24 милиони евра и 150 товарни вагони.
Игор Панов
