Груевски: Ангажирани се сите институции за помош во Тетово

04.08.2015 09:35

Тој ја посети Голема Речица, каде штетите од поплавите се огромни. Направи увид директно од терен, поразговара со надлежните и граѓаните, по што замина во болницата во Тетово, каде се хоспитализирани повеќе лица од поплавите...

Премиерот Никола Груевски синоќа итно отпатува во Тетово, откако градот беше зафатен од силно невреме. Тој ја посети Голема Речица, каде штетите од поплавите се огромни. Направи увид директно од терен, поразговара со надлежните и граѓаните, по што замина во болницата во Тетово, каде се хоспитализирани повеќе лица од поплавите. 
 
Само што ја примив информацијата за невремето и големите поплави што го зафатија Тетово и Тетовско разговарав со десетина луѓе од различни институции за што побзо да им се помогне на луѓето од погодените места. Веднаш потоа, заедно со вицепремиерот Пешевски, министерот за одбрана Јолевски и министерот за внатрешни работи Чавков се упативме на местата погодени од поплавите. Бевме во Голема Речица и таму состојбата е навистина лоша. Од разговорите со жителите ми беше кажано дека дошло до излевање на реката од надојдените води. Има и информации за жртви и сакам да им упатам сочувство до семејствата на настраданите, изјави доцна синоќа премиерот Груевски по посетата на болницата.
 
Според последните информации, како што рече, состојбата е најлоша во Шипковица, но првите екипи веќе влегле таму. Ние ќе одиме да видиме каква е состојбата. Ја посетивме и тетовската болница каде од директорот бевме информирани дека тука биле донесени две починати лица, како и девет повредени, од кои едно е испратено во Скопје поради тежината на повредите и едно е задржано за лекување тука. Жалам што се случи ова, но максимално се ангажирани сите инстутуции и на централно и на локално ниво да им се помогне на луѓето во погодените места, истакна премиерот Груевски.
 
Во Тетово премиерот Груевски беше придружуван од вицепремиерот Владимир Пешевски,  министрите за одбрана и МВР Зоран Јолевски и Митко Чавков, како и државниот секретар за транспорт и врски Божидар Петроски, кој повика компании од Скопје со кои Владата има склучено договор за вакви ситуации.
 
Исто така, доаѓаат на испомoш и оние фирми кои Владата ги има ангажирано за овој регион.
 
За денеска е закажана и владина седница по повод предизвиканите поплави од обилните врнежи на која ќе се разгледаат состојбите и ќе се утврдуваат натамошните активности, пред се помошта за населението и субјектите.