Груевски ги посети настраданите во Шипковица

04.08.2015 10:59

Четири жртви од силното невреме во тетовска Шипковица. Повеќемина се повредени. За исчезнато е пријавено шестгодишно девојче, војници на АРМ трагаат по неа. Се излеа реката Пена. Спасувачки екипи со тешка механизација сеуште се на терен. Премиерот Груевски направи увид на самото место. Ги посети и хоспитализираните во болницата во Тетово...

Едното дете мртво го извадиле под урантините, за да го извадат телото на второто помош побараа од интервентните екипи. Премиерот Груевски го посети семејството кое освен куќата, во невремето изгуби и две мали деца. Тетовското село Шипковица, најмногу настрада во свлечиштата по синоќешното невреме.

Во мракот тешко се броеа урнатите куќи. Селаните споменуваат првична бројка од 50-тина уништени домови.

Груевски со министрите Јолевски, Чавков и со вицепремиерот Пешевски изутрината по полноќ ја посетија и месната заедница, каде веќе е формиран кризен штаб.

Првата помош во форма на лекови, храна, чиста облека и вода веќе е пристигната во селото. Екипи на ЕВН треба да го остранат дефектот за Шипковица повторно да добие струја.

Груевски рано изутрината се сретна со градоначалничката Арифи за да прецизира како ќе му се помага на настраданото Тетово. Динамиката за помош ќе се дефинира на денешната вонредна владина седница.

Во синоќешното невреме во полошкиот крај животот го загубија пет лица, а  повеќемина се повредени. Причинета е голема материјална штета, а затрупани се и повеќе штали со добиток.

 

Анита Димитријевска