Помали казни за фирмите од среда
Од среда казните за фирмите драстично се намалуваат, за седум пати пониски ќе бидат глобите. Стапуваат на сила измените на 20-тина закони кои се усогласени со новиот закон за прекршоци. Високите глоби беа закана за бизнисот, велат од Сојзуот на стопански комори...

Од шест до седум пати пониски казни за малите компании, а двојно пониски за големите - измените во законот за прекршоци му даваат дополнителна шанса на бизнисот. Казната ќе се одредува според економската моќ, бројот на вработените, а ќе биде важно и дали претходно фирмата била казнувана за таков прекршок.
На пример, за трговец поединец со остварен вкупен приход од 500 илјади денари кој во фирмата има 9-мина вработени и нема изречено правосилни прекршочни санкции, висината на казната ќе изнесува 450 евра, наместо досегашните 3.000.
„Веќе од среда ќе можат да се ползуваат сите овие придобивки од намалените глоби за сторените прекршоци што се разбира дека позитивно ќе влијае на самиот бизнис-амбиент во којшто функционираат стопанските субјекти и ќе обезбеди позитивно опкружување во коешто тие ќе можат да ги задоволат своите интереси и да ја остваруваат својата дејност“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Со намалувањето на казните, бизнисот ќе се развива. Високите казни беа закана за водење бизнис- велат од Сојузот на стопански комори.
„Сметаме дека во континуитет прифаќањето на мерките на бизнис заедницата има многу значаен придонес во унапредување на деловното опкружување и секако бизнисот да оди напред и да се развива што е можно повеќе, што претставува бенефит за домашните компании“, изјави Даниела Арсовска, претседател на ССК.
Намалувањето на глобите ќе го подобри амбиентот за работа, дополнуваат од бизнис-заедницата.
Досега фирмите кои немаа инсталирано фискални апарати и не издаваа сметки плаќаа глоби во висина од 5.000 евра. Сега, правното лице со приход до 500 илјади денари ќе биде казнето со 750 евра, а со приход до милион денари - само 1.250 евра.
Андријана Атанасовска
