Промовирана монографија за познатиот иконописец Дичо Зограф
Монографијата за познатиот иконописец Дичо Зограф, чии дела ќе ги сретнете во црквите ширум Балканот дава одговор на прашањето за поврзаноста на религијата и културата. Истовремено, со целокупниот регистар на неговите дела, книгата ќе отвори пат за полесно наоѓање на веќе украдените и отуѓени икони...

Дичо Зограф е автор на повеќе од 2.000 икони во Македонија, Бугарија, Србија, Грција и Албанија. Негова клиентела биле високи црковни достоинственици,црковни одбори и најугледни македонски семејства од 19 век,меѓу кои се вбројуваат поетот Григор Прличев и семејството Робевци кое нарачало фрески како украс на нивната куќа. Затоа може да се рече дека книгата „Иконите на Дичо Зограф од црквите во Дебар и Мала Река“ од Сашо Цветковски е пробив во непознати страници од македонската, балканската и европската уметност.
„Благодарение на истражувањата на Дичо и неговото дело ние многу ќе сториме за македонската преродба. Тој е современик на Миладоновци, Прличев, Жинзифов и т.н. Со него тесно соработува Македонската православна црква и што е специфично за него совршено ја познава средновековната книжевност,сака да го слика Св. Климент Охридски, Наум Охридски, Теофилакт Охридски“, изјави академик Цветан Грозданов.
Делата на Дичо биле многу барани бидеќи тој е конзервативен зограф кој ги следи сите оние уметнички тенденции од поствизантискиот период,а при тоа е резервиран кон се она што е ново,посебно кон барокната уметност што доаѓа од западните земји.
„Голем дел од иконите кои се презентирани во книгата веќе не се во црквите. Дел од нив со серијата на кражби што се случуваа во изминатите години се однесени“, изјави д-р Сашо Цветковски.
Книгата има уште поголема вредност бидеќи половина од презентираните 300 икони од дебарско-мијачкиот крај ги однеле крадците.Поради тоа ова дело ќе биде прирачник во процесот на вреаќање на непроценливото богатство,како што се иконите кои во 2 013-тата беа пронајдени во Албанија.За помалку од една деценија се украдени 600 икони од Дичо Зограф поради што над 500 негови икони од дебарско-мијачкиот и охридско-струшкиот регион се повлечени од црквите и во моментот се на сигурно.
Сашо Нелоски
