За 20% намален бројот на мајките кои ги дојат новороденчињата

04.08.2015 14:56

150 држави во светот ја одбележуваат Светската недела на доењето, а Република Македонија, годинава ја одбележува по трет пат. Здравиот почеток на едно новороденче претставува здрава иднина...

Мајчиното млеко во првата година од животот е поврзано со првата насмевка, со првото плачење. Кога расне и се развива тоа е  храна и лек за бебето. Нешто незаменливо. Доењето е благослов за правилен раст и развој на едно здраво дете– велат лекарите. За 20 насто е намален бројот на мајки кои ги дојат новороденчињата. Да се подигне свеста на идните родители – порака на глобално ниво.

„Млекото треба сепак да биде секојдневие, да биде храна, да биде антибиотик, треба да биде поттик за растот и развојот на идното бебе“, вели д-р Аспазија Софијанова, директор на Детската клиника.

Во родилната сала при првиот контакт на мајката со бебето се воспоставува ритамот на доењето.

„Некаде околу 70% од мајките кои се породиле во Клиниката, имаат некој воспоставен ритам и ги совладале првите техники на доење уште во самото родилиште“, додава д-р Марија Хаџи Лега, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.

„Многу е важно да се усовршува техниката на доењето и одржувањето на доењето, бидејќи ги имаме усвоено препораките на УНИЦЕФ и СЗО за ексклузивно доење во првите шест месеци од животот на доенчето“, вели Татјана Баевска-Вучковиќ, директор на Здравствен дом.

Во просториите на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, во подготовка е отворање на банка за мајчино млеко, со која ќе се даде можност на оние доенчиња кои се лишени од мајчино млеко, да имаат пристап до донирано од мајки кои доброволно го донирале овој скапоцен напиток.

 

Алексндра Перевска