Југоисточна Азија се бори со монсуни и големи поплави

04.08.2015 16:33

Речиси 200 луѓе загинаа во Индија, голем дел се затрупани под свлечишта. Има огромен број евакуирани и луѓе, а властите отворија кампови за справување со кризата. На удар се и други земји од Азија...

Сезоната на монсуните предизвика големи поплави во југоисточна Азија. Во Индија загинаа најмалку 180 луѓе, удавени во надојдената вода или затрупани под активираните свлечишта. 10 милиони се засегнати од поплавите, а над еден милион се евакуираа од најзагрозените подрачја во 1.600 кампови што ги отворија властите.

Ситуацијата е најкритична во Западен Бенгал, Раџастан, Гуџарат и Одиша. Надојдената вода се прелева преку браните и влече се пред себе, бришејќи ги патиштата и домовите.

Во Мјанмар во истиот регион, монсуните што се истураат веќе цел месец предизвикаа хуманитарна катастрофа. 47 луѓе загинаа, 150 илјади се раселени. Властите, кои не успеаја да се справат со ситуацијата, апелираа за меѓународна помош за отсечените области каде што населението се соочува со глад.

Во меѓувреме, метеоролозите предупредуваат на Супертајфунот Суделор од највисока 5-та категорија.

Моќното невреме им се заканува на Јапонија, Тајван и Кина откако предизвика хаос на Северните Маријански Острови. Се очекува да протатни со брзина на ветрот од 354 километри на час и да уништи се по својата патека.

 

Ивана Салтировска