Шипковица во тага, штетите непроценливи

04.08.2015 16:41

Поплавите го опустошија Тетовско. Штетите се непроценливи. Четворица загинаа, меѓу кои три деца на возраст од 7, 14 и 15 години. Двајца се водат како исчезнати – шестгодишно девојче од Шипковица и 61 годишен жители на селото Лисец. По нив, трага и Армијата на Република Македонија. Има голем број повредени, поплавени се многу домови, огромна е материјалната штетата. Жителите денеска спасуваа она што може да се спаси...

Шипковица е во тага. Уништени се десетици домови, ама најголемата болка е по изгубените животи. Најголемиот напор се дава за да се пронајде телото на девојчето кое заедно со својот роднина си играле на приземјето. Тригодишното момче дошло кај својот вујко, но трагедијата го дофатила. Не можевме да ги спасиме од водената стихија - во солзи чичкото на седумгодишното девојче ни раскажа.

Влеговме на самото место во куќата. Жителите, војската и полицијата, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување правеа надчовечки напори да се исфрли земјата да се дојде до телото. И со пес се обидоа.

Прво силен ветер, потоа град и пороен дожд. Така се случило, велат жителите.

Механизацијата продолжува да расчистува. Наместо по селските сокаци сега се гази по покривите на затрупаните автомобили и куќи.

Многумина побрале лекарска помош, што повредени што исплашени.

Ваква луња не паметат дури ни највозрасните во селото. Но, време е сметаат да се стори нешто за да не се повтори трагедијата.

Пустош зад себе остави невремето. Општинските власти следните два дена ги прогласија за денови на жалост во Тетово.

 

Фиљана Кока