Згрижени 200 семејства, апел за помош на настраданите во Тетовско
Вода за пиење, средства за лична хигиена и за дезинфекција, храна, ќебиња. Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст во Момин Поток. Стигна првата хуманитарна пратка. Згрижени се околу 200 семејства од Шипковица, Голема и Мала Речица...

200 семејства од најпогодените подрачја од Тетовско ќе бидат згрижени. На оние кои ќе останат во домовите, најпотребни им се храна, вода, хигиенска средства и ќебиња. Помошта може да се предаде во пунктот на Црвениот крст во Момин Поток, а отворени се и сметки за донации.
„Денеска Црвениот крст е на терен. По направената итна проценка во вчерашниот ден ќе бидат згрижени околу 200 семејства, претежно во Шипковица, Голема и Мала Речица, затоа што проценките врлат дека тие се најзагрозени од последиците од невремето“, изјави генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
На терен се и медицински екипи од здравствените домови од Гостивар и Скопје, како и тимови на итната медицинска помош. Во Тетовско се и специјалистите по хигиена и епидемиолозите. Се проверува водоводната и канализационата мрежа. По добиените анализи на најпогодените места ќе се врши дезифенкција.
„Денеска ќе знаеме точно колкав е обемот и каде точно ќе треба да се изврши дезинфекција и со кои средства, но првин треба да се исчисти теренот во соработка со останатите институции, па после ние да извршиме дезинфекција на регионо“, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски.
Помош за Тетово до Црвениот Крст на Македонија понудиле и од оваа организација од Албанија и Бугарија.
Викторија Милевска
