Почнува сеопфатна борба против Исламска држава

05.08.2015 16:28

САД и коалцијата почнуваат сеопфатна борба против Исламска држава од турските воено – воздушни бази. Анкара даде зелено светло, пристигнуваат американските авиони и беспилотни летала. Целта е да се неутрализираат бунтовниците од северна Сирија...

Турција излезе од недоумицата и со полна пареа се вклучува во борбата против Исламска Држава во Сирија по серијата напади на нејзина територија зад кои стоеја џихадистите. Во турските воздухопловни бази почнаа да пристигнуваат американските борбени авиони и дронови, како што беше договорено минатиот месец и наскоро се очекува да почне сеопфатна операција.

„Во согласност со договорот со САД, постигнавме напредок во однос на отворањето на нашите бази, особено на Инџирлик. Почнаа да пристигаат американските авиони и дронови, планираме наскоро да ја почнеме акцијата против ДАЕШ. Тогаш теренот ќе биде побезбеден за умерената опозиција што се бори против џихадистите во Сирија“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Сирија реагираше дека секаква воена акција без координација со Дамаск ќе значи кршење на сувереноста на земјата, што на почетокот на граѓанската војна беше став и на Анкара. Владата очекува дека со акцијата ќе ги прекине и неодамнешните обвинувања за бизнис интереси во самопрогласениот калифат.

„Во рамките на некој меѓународен заговор, се уште не поврзуваат со терористите. Повторувам – покажете документ дека Турција му припаднала на член на ДАЕШ. Нема таков документ. Го осудувам ова обвинување и повторувам дека ја продолжуваме борбата против ДАЕШ“, изјави Ахмед Давутоглу, премиер на Турција.

Коалициските авиони до сега ги користеа базите во Заливот, но со отворањето на турските, особено Инџирлик, се очекува нападите да станат уште поефикасни. Во Турција, многумина ја поздравуваат одлуката за поцврст отпор против Исламска Држава, но има и сериозни критики против можноста да се испрати турска војска во Сирија.

 

Ивана Салтировска