Шипковица: Почна проценка на штетата, ни трага од исчезнатото девојче

05.08.2015 16:40

Во Тетово е ден на жалост. Знамињата се на половина копје. Се тагува по жртвите од невремето. Во Шипковица и Голема Речица се прави попис на уништените објекти...

Втор ден по природната катастрофа, жителите на Шипковица се справуваат со одроните. Тешка механизација го расчистува селото. Штетите се бројат во стотици илјади евра.

Општинските екипи на терен. Денес и утре се прави попис. Се евидентираат оштетените домови, штали, возила за да можат жителите да добијат помош од државата. Повеќе од 20 куќи се срамнети до темел.

Хуманитарната помош стигнува со камиони и комбиња. Ќебиња, храна, вода, средства за лична хигиена. Хумани граѓани донираат и пари. Екипите на ЕВН ги отстрануваат дефектите. Половина Шипковица има, половина нема струја. Водата од чешма и натаму не се пие.

Војници од Армијата и денеска под урнатините ја бараа пет и пол годишната Рејна која за време на поројот била во долниот кат од семејната куќа.

Багери и камиони расчистуваа и во подножјето на Шара, во Мала и во Голема Речица кадешто поради штетите има проблем со водоводната мрежа.

Сообраќајот на местото кадешто се излеа Пена се одвива нормално.

 

Анита Димитријевска