ИД киднапира Хрват во Египет, закани од џихадистите за Меркел

06.08.2015 13:06

Радикалниот ислам зема замав и во светот. Исламска држава и се закани лично на германската канцеларка Меркел, но најави и нови напади во Германија. Сеуште трае драмата со хрватскиот работник во Египет во којашто џихадистите се закануваат со негово обезглавување...

Министерка за надворешни работи на Хрватска, ќе отпатува во Египет поради заложничката криза во која исламистичките екстремисти се закануваат дека во рок од 48 часа ќе го убијат хрватот Томислав Салопек доколку египетската влада не го исполни нивното барање.

Салопек беше киднапиран на 22 јули во Ккаиро. Египетскиот огранок на Исламска држава во видео снимка се заканува дека ќе му ја отсече главата на киднапираниот хрват кој работи во француска компанија доколку египетските власти не ослободат уапсени муслиманки.

Медиумте шпекулираат дека се работи за 14 жени уапсени кон крајот на 2013 година и осудени на 11 години затвор, поради припадност на Муслиманското братство во Египет. Инаку во затворите во Египет се наоѓаат најмалку 40 илјади затвореници од кои речиси една третина се жени.

Експертите се скептични околу тоа дали египетските власти ќе ги исполнат барањата на терористите, бидејќи, како што велат, ако навистина се работи за тие жени, тоа ги прави нештата крајно нејасни, бидејќи организацијата на Исламскиот калифат, Синајската организација, на никаков начин не е поврзана со Муслиманското братство, кои водат сопствена војна против египетската држава.

Во меѓувреме, во видео снимка за која се верува дека е прва на припадник на Исламска држава на германски јазик, џихадистите лично и се заканија и на германската канцеларка Ангела Меркел.

Џихадистите најавија терористички напади во Германија, поради, како што велат, крвопролевањето во Авганистан. Исламистите ги повикуваат европските муслимани да и се придружат на Исламска држава во Сирија и Ирак и да се приклучат кон џихадот.

Марина Автовска