Над 40 деца примиле шествалентнa вакцинa
Бенефитот е најголем за најмалите бидејќи со употреба на петвалентната и шествалентната вакцина 13-те инјектирања во првата година се намалуваат на седум...

Досега 43 деца во Здравствениот дом Скопје се вакцинирани со шествалентната вакцина којашто веќе е распределена во сите центри за имунизација во земјава. Нема несакани реакции кај вакцинираните деца. Локалното црвенило минува за 24 часа. Во септември почнува имунизацијата со петвалентната вакцина.
Бенефитот е најголем за најмалите бидејќи со употреба на петвалентната и шествалентната вакцина 13-те инјектирања во првата година се намалуваат на седум. Тоа дава простор за воведување нова вакцина, пнеумококната, која сега е по избор, меѓутоа со тенденција понатаму да биде ставена редовно во календар, изјави директорот на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ.
Сето ова, укажа таа, се надеваме ќе ги охрабри оние родители кои се плашеа и беа скептични околу вакцинирањето бидејќи докажано е дека со вакцината постигнуваме колективен имунитет и стабилен епидемиолошки статус.
Сите новородени кои имаат примено само по една доза вакцина во родилиште ќе стартуваат со шествалентната вакцина, по календар е така, па петвалентна, па шествалентна. Оние кои веќе имаат почнато одредена доза од претходните вакцини ќе продолжат со петвалентна, а последната доза ќе биде шествалентна. Значи секој тим кој работи во советувалиштата е запознаен со календарот на имунизација и согласно возраста така ќе продолжи со петвалентна или шествалентна вакцина, рече Баевска Вучковиќ.
