Имунизација: 43 деца ја примија новата шествалентна вакцина, нема несакани реакции
Досега 43 деца во Здравствениот дом Скопје се вакцинирани со шествалентната вакцина којашто веќе е распределена во сите центри за имунизација во земјава. Нема несакани реакции кај вакцинираните деца. Локалното црвенило минува за 24 часа. Во септември почнува имунизацијата со петвалентната вакцина...

За два дена, 43 деца се имунизирани со шествалентни валкцини. Освен локално црвенило, педијатрите кај нив не забележале други реакции, како зголемена температура. Овие вакцини веќе се дистрибуирани во сите градови низ земјава. Петвалентните ќе бидат достапни од септември.
Со поливалентните вакцини се скратува бројот на боцкање од 13 на 7 пати во текот на првата година. Со едно боцкање најмладите се штитат од многу болести.
„Тоа дава простор за воведување на нова вакцина како пнеумококната, која сега е по избор со тенденција понатаму да биде ставена во редовниот календар. Сево ова веруваме и се надеваме дека ќе ги охрабри оние родители кои се плашеа и беа скептични околу вакцинирањето, бидејќи е докажано дека со вакцината постигнуваме колективен имунитет и стабилен епидемиолошки статус“, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.
Сите деца кои подлежат на редовна имунизација по календар до 18 месеци ќе бидат вакцинирани со поливалентна вакцина.
„Сите новородени кои имаат примено по една доза вакцина во родилиште ќе стартуваат со шествалента вакцина, па петвалентната, па повторно шествалентна. А оние кои имаат започнато одредена доза од претходните вакцини ќе продолжат со петвалентната, а последната доза ќе биде шестовалентна“, вели д-р Баевска Вучковиќ.
Досега поливалентните вакцини во земјава не можеа да се купат ниту приватно, родителите се снаоѓаа кој како знае и умее, некои ги носеа бебињата и во соседството на вакцинација.
Андријана Атанасовска
