Падна ќелијата на ИСИС во Македонија

06.08.2015 16:36

Голема полициска акција е изведена во неколку градови низ Македонија. Уапсени се деветмина, а осомничени за соработка со Исламска држава уште 27. За дел од нив се претпоставува дека се на боиштата во Сирија. Меѓу притворените е и имам од Скопје за кој се препоставува дека е организатор на мрежата и иделог во регрутниот центар за борци...

Падна „ќелијата“ на исламските фундаменталисти. МВР уапси деветмина, по 27 трага. Сите учесници или повратници од воените жаришта најчесто во Сирија како дел од  терористички структури. Главно биле  регрутирани во интернет кафето Фасет, или во придружниот објект на Тутунсуз џамијата, но не помалку и во други објекти. Им помагале невладините „Искра на милоста“ и „Исламска младина Сарај“.

За комуникација користеле интернет, мобилна телефонија и други софистицирани технички средства. Министерот за внатрешни работи потврди дека е уапсен имамот кој ги имаше запоседнато Јаја Паша џамијата и Тутунсуз, за кои, пак, од поодамна ИВЗ трвдеше дека не може да ги контролира.

„Се смета за еден од идеолозите и сметаме дека дополнително со анализа на доказите ќе се добијат уште поконкретни информации за неговиот ангажман, активноста и улогата во регрутирањето и координирањето на терористичките мрежи“, изајви министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

Според сознанијата на МВР, откако ќе ги убеделе да се регрутираат на лицата им обезбедувале фалсификувани патни исправи и најчесто преку Турција заминувале на странските боишта во паравоени формации. По враќањето во земјава, тие претставуваат сериозна закана за безбедноста на државата.

„Самиот факт што има такви поединци или групи кои учествувале и се повратници од боиштата, само по себе претставува индикатор врз основа на кој ние можеме да влечеме докази за можни напади во Република Македонија, меѓутоа, обезбедувањето на витални објекти, инфраструктурни објекти и личности е еден од столбовите на спротивставувањето и борбата против тероризмот“, нагласува Чавков.

Во интерес на истрагата, ресорното министерство не прецизира дали оваа структура е инволвирана во случувањата во кумановско „Диво насеље“ или ниту дали е поврзано со неодамнешниот упад на скопскиот муфтија во ИВЗ.

Оттаму се оперира со бројка од 130 лица кои биле или се учесници во странски војски. 16 лица го загубиле животот на боиштата. Во акцијата „Ќелија“ биле извршени претреси во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и Куманово. Против вкупно 36 лица е покрената кривична пријава за учество во странски војски и паравоени структури.

 

Фиљана Кока