Акција за санација на Тетовско

06.08.2015 16:44

Тетовци сеуште не можат да се соземат од шокот што ги предизвика невремето пред неколку дена. Последиците се видливи на секој чекор, исто како и обидите за санација на теренот и нормализација на животот во најпогодената Шипковица. Армијата, локалното население и другите надлежни институции во заедничка акција. Сеуште се трага по шестгодишното девојче...

Шипковица и денес е на нозе. Војската, жителите, Дирекцијата за заштита и спасување со сите свои сили го расчистуваат пустошот кој зад себе ја остави поплавата. Багери и камиони го расчистуваат патот од наносите на земја и камења.

Жителите и денес тагуваат по своите сограѓани чии животи згаснаа во поплавата. Тетовецот чии татко загина во поплавите низ солзи ни раскажа за страорниот момент.

Уништени куќи, дворови, автомобили е сликата која што ја има насекаде низ ова мало село под Шара. Тешко се стигнува до најпогодените подрачја. Ѓубре, кал и земја се надвиснуваат низ најпогодените места.

Околу 20 куќи во Шипковица претрпеа најголема штета. Голем дел од објектите се затрупани во кал. Во најпогодените места вода за пиење сеуште нема. Надлежните интензивно работат на санирање на дефектот на водоводната мрежа. Жителите на Шипковица од денес имаат и струја.

Во посета на најпогодените места беше и градоначалничката Арифи. Вели- човечкиот фактор е пресуден за Шипковица повторно да живее нормално.

Првичните проценки од надлежните се дека околу 200 објекти државни, приватни како и земјоделско земјиште се уништени во поплавите. Од СВР Скопје со апел до граѓаните веднаш да ги пријаваат штетите од невремето. Екипите на Црвениот крст се постојано на терен, на граѓаните им се носи храна, вода, средства за дезинфекција, ќебиња.

Викторија Милевска