Полесен и побрз транспорт на стоки до 34 земји
Времето за транспорт се скастри за шест до осум часа- велат економските оператори кои се приклучија на новиот царински комјутерски транзитен систем...

Едноставна царинска постапка, полесен и побрз транспорт, намалени трошоци, бесплатна апликација. Со еден транзитен документ стоката од Македонија се движи низ 34 земји во Европа. Времето за транспорт се скастри за шест до осум часа- велат економските оператори кои се приклучија на новиот царински комјутерски транзитен систем.
„Позитивно е тоа што со еден документ нашите превозници ќе можат да транзитираат до крајните дестинации во Европа не губејќи време да се задржат на транзитната постапка“, вели Влатко Бежоски, Кренбергер Логистика.
Порано превозниците чекаа граничните премини да изготват нови документи, повторно ги носеа кај царинскте службеници- постапка што траеше и по неколку денови. Сега, со електронска транзитна декларација креирана во Македонија можат да ја завршат целата маршрута до крајното одредиште.
„Овој систем е земен од ЕУ и функционира подобро“, тврди Даим Рамадани, од Даути Транспорт Шпед.
250 илјади царински транзитни декларации годишно помалку на граничните премини, зголемена ефикасност во елетронската обработка на податоци, поголема безбедност на транзитните операции. Полесно ќе се откриваат измамите – оценуваат надлежните.
„Ефектите од примената за сите учесници во првите близу 100 електронски транзитни декларации се повеќе од импресивни и затоа ја користам оваа прилика сите оператори да се вклучат и да ја користат оваа електронска транзитна декларација“, вели Димче Аџиоски, началник на Одделение за гранични и транзитни формалности.
Заедничкиот транзитен систем обединува повеќе од три илјади царински одредишта во Европа
Александра Перевска
