Од невремето во Прилепско најмногу оштетени пиперот и тутунот
Во прилепско се сумираат штетите по невремето. Најмногу штети има на земјоделските површини со пипер и тутун и тоа во Мало Коњари. Зафатени се 20 хектари. Државата ќе ги обештети земјоделците според законските регулативи и ги поттикнува да го осигураат родот со државни субвенции од 60 насто...

Оштетени пшиперки и тутун, искинати и полегнати корења. На 20 хектари со пипер и тутун во прилепско Мало Коњари невремето во понеделнијот го зеде својот данок. Штетите, првично се од 40 до 50 проценти.
„Имам оштетен пипер од 3 хектари. Имаше град и поплава. Зафатена е целата површина. Има скапани пиперки, скршени и легнати корења. Има делови и до 100 насто штети и некаде до 50 насто“, вели Александар Мицаноски од Мало Коњари.
„Имам пипер три декари осигуран и тутун четири декари, неосигуран. И едното и другото се уништени од невремето“, вели земјоделецот од Мало Коњари, Круме Јонзоски.
Државата ќе ги обештети земјоделците и ги поттикнува да го осигураат родот. Годинава веќе 3.000 производители користат субвенции од 60 насто од државата која обезбеди за секој земјоделец поддршка до 300.000 денари. Рокот е до 31-ви август.
„Владата ќе помогне во рамките на своите надлежности. Владата и понатаму помага при издвојување на средства во висина од 60 проценти од полисата за осигурување која земјоделците треба да ја прибаваат за да го осигураат својот род“, изјави заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски.
Досега во прилепската комисија за елементарни непогоди стигнале 135 барања за штетите. 25 се за поплавени објекти 110 за земјоделски површини.
„Барањата продолжуваат да доаѓаат и очекуваме оваа бројка во наредните денови да се зголеми“, изјави Никола Димески од прилепската локална самоуправа.
Рокот за пријавување на штетите е до 11-ти август.
Елизабета Митреска
