Судот го извести обвинителството дека Заев не се јавува пред струмичкиот суд

07.08.2015 12:15

На 30-ти јули било испратено известување дека обвинетиот трипати не се појавил во судот, ниту го оправдал недоаѓањето...

Скопскиот кривичен суд до Jавното обвинителство за гонење на организиран криминал, вчера испратил известување за непочитувањето на определената превентивна мерка против четвртоосомничениот во „Пуч“ и неговото нејавување пред струмичкиот надлежен суд.

Од таму, на 30-ти јули било испратено известување дека обвинетиот трипати не се појавил во судот, ниту го оправдал недоаѓањето. Пред три дена струмичкиот градоначалник бил повикан да даде изјава поврзано со барањето на Советот при струмичкиот суд.

Обвинетиот Зоран Заев ја испочитувал поканата и се појавил во судот. „Точно е дека имав задолжение да се јавувам секој понеделник во судот и тоа уредно го правев се до 6-ти јули година. На прес- конференција ја известив јавноста за натамошното непочитување на мерката од судот, а се однесуваат на политичкото одлучување во случајот „Пуч“, односно за насилство врз претставници на високи државни органи“, стои во дел од записникот што го објави скопскиот Кривичен суд.

Заев изјавил дека останува на изјавата за непочитување на мерката на претпазливост, но како што вели, е достапен на органите на прогонот.

Четвртообвинетиот во „Пуч“ изјавил и дека нема намера да бега од државава, посочувајќи ги адресите во Струмица и седиштето на СДСМ во Скопје, стои во соопштението од скопскиот Основен суд.