„Ќелија“: Ден по антитерористичката акција, Тутунсуз џамијата е празна

07.08.2015 12:53

Македонската полиција вчера реализира голема антитерористичка акција против структури на Исламска држава во земјава. Разбиена е „ќелијата“ во која се регрутирале лица за да војуваат на боиштата на Блискиот Исток во терористички структури. Наша екипа ги посети двете скопски џамии. Тутунсуз е празна, а во Јаја Паша верниците се подготвуваа за редовната молитва...

Празна е Тутунсуз џамијата. Невообичаено на половина час пред петочната молитва во неа нема ниту еден верник. Внатре навидум е се како што треба, ама сеуште се видливи трагите од полицискиот претрес. Според сознанијата на МВР, во оваа џамија имамот ги регрутирал исламските фундаменталисти.

И жителите од околината не се многу расположени да зборуваат ден по големата антитерорстичка акција на полицијата за разбивање на „ќелијата“ на исламските фундаменталисти.

„Не можам да зборувам ништо... Не можам стварно сум зафатен“, велат околните жители.

Во дворот на Јаја Паша џамијата неколкумина повозрасни се подготвуваа за пладневната молитва, еден од нив е постојан посетител на џамијата, но вели никогаш не забележал сомнителни активности.

„Не сум слушнал, не сум забележал ништо“, тврди тој.

Полицијата ја разби „ќелијата“ во која се регрутирале лица за да војуваат на боиштата на Блискиот Исток во терористички структури. Ресорниот министер Чавков укажа дека дел од нив како повратници претставуваат сериозна закана за безбедноста на државата поради можноста од терористички напади.

„Самиот факт што има такви поединци или групи кои учествувале и се повратници од боиштата, само по себе претставува индикатор врз основа на кој ние можеме да влечеме докази за можни напади во Република Македонија, меѓутоа, обезбедувањето на витални објекти, инфраструктурни објекти и личности е еден од столбовите на спротивставувањето и борбата против тероризмот“, нагласи министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

На деветтемина уапсени изречен им е 30 дневен притвор, по 27 сеуште се трага. На сите им се поднесени кривични пријави. Според полицијата моменталнта бројка е 130 лица кои биле или се уште учествуваат во странски војски, 16 ги загубиле животите.

 

Фиљана Кока