Земјоделство: 200 милиони евра за нови брани и системи
Ќе се чистат браните и речните текови. Во наредните 10 години државата ќе насочи 200 милиони евра во реконструкција на постојните и изградба на нови системи. Фармерите ќе се едуцираат да ги осигуруваат земјоделските површини и да користат субвенции за таа намена...

Со 200 милиони евра во наредните 10 години ќе се реконструираат постоечките и ќе се изградат нови системи за да покријат сите критични точки. Во план се градежни зафати на браните и чистење на каналите. Надлежните најавија детална анализа на теренот, проценка на штетите во поплавените региони, по што ќе се искристализираат проектите и трајните решенија. За регулација на коритото на Црна Река ќе се инвестираат 2 милиона евра.
„Темелна проценка на утврдената штета, и паралелно на таа утврдена штета со направените проценки од експертите, ќе се донесат мерки за инвестиции во инфраструктурата како трајни решенија. Ние тоа го правиме на цела територија на Република Македонија, на тој начин што имаме акционен план“, изјави заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.
Во наредниот период тимови на Министерството за земјоделство и на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството ќе посетат 60 општини, во 102 населени места. Стручните служби ќе ги советуваат фармерите како да ги пријават штетите и да ги осигураат посевите, но и да добијат субвенции и пари од ИПАРД програмата.
Во тек е вториот оглас за набавка на механизација, интерес има, а на земјоделците им се ставени на располагање 40 милиони денари. 5.000 хектари државно земјиште ќе бидат дадени под закуп во 30 општини, кои ќе им бидат доделени на земјоделците кои не користеле досега.
Дијана Ценевска
