Штип ќе добие современ клинички центар

07.08.2015 14:20

Објавен е тендерот за новата болница која ќе биде главна здравствена артерија за истокот и југоистокот на земјава и во која ќе се лекуваат над 200.000 граѓани. Изградбата стартува во октомври и треба целосно да заврши за две години...

Штип добива современ медицински клинички центар. Објавен е тендерот за новата болница која ќе биде главна здравствена артерија за истокот и југоистокот на земјава и во која ќе се лекуваат над 200.000 граѓани. Изградбата стартува во октомври и треба целосно да заврши за две години.

„Реализацијата на овој проект ќе значи изградба на болница со карактеристики и функционалности каква што досега не е изградена во Македонија. Изградбата на оваа болница ќе постави стандард кој ќе треба да се достигне не само во Македонија, туку и пошироко во регионот“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Објектот на новата клиничка болница ќе се гради на 34.000 квадратни метри на 8 нивоа, и ќе располага со 17 амбуланти и 354 легла.

„Објектот на новата клиничка болница ќе се гради на сегашната локација на болничкиот комплекс на местото меѓу главната болничка зграда, зградата на инфективното одделение и зградата на сегашната педијатрија. Прво се гради новиот дел и по негово целосно завршување, сите одделенија се преместуваат во новиот објект, со што тековната работа на болницата нема да биде воопшто запрена“, рече министерот Тодоров.

Штипската болница во моментов функционира во стар објект, изграден во далечната 1937-ма година. Објектот не е функционален, поради старите и дотраени згради.

Александра Перевска