Шипковица пред нова закана, продолжува битката за справување со последиците од невремето
Жителите, војската и механизација ја продолжуваат битката за справување со последиците од невремето. Шипковица исправена пред нова закана. Механизацијата е на терен, но има многу работа. Освен домови, настрадаа и приватни бизниси од кои жителите го ваделе лебот...

Огромна карпа тешка неколку тони се заканува да се одрони и да направи уште поголема штета во тетовска Шипковица. Војската на терен прави стратегија како да се отстрани.
„Ќе дојдат инженерски екипи од армијата, тука е и генералот, ќе видат како може тоа да се отстрани, дали со машини, дали со мало минирање, бидејќи тоа е голема опасност, ако тие камења паднат во селото, ќе има голема штета“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Тешка машинерија и денеска го расчистуваше патот во селото. Пет дена по несреќата, исчезнатото девојче се уште не е пронајдено.
Откако кучињата трагачи не го најдоа девојчето, истражителите забранија пристап до локацијата за да се исчисти земјата од мириси. Во следните денови во потрагата, освен војничките, се вклучуваат и полициските кучиња.
„Експертите од Армијата побараа алишта кои ги носеше последен пат, за точно да можат да препознаа“, вели Африм Ахмети, татко на исчезнатото девојче.
„Подготвуваме единици од Армијата, специјално обучени војници, да почнат потрага по девојчето, од долу нагоре, полека ќе се испитува теренот, па ќе видиме се што можеме да направиме за да се најде девојчето“, рече министерот Јолевски.
Дефектите на електричната мрежа се отстранети и жителите на Шипковица добија струја. Водата и натаму не е за пиење.
„Ситуацијата е нормализирана за разлика од тоа што беше во првите денови“, потврди Садики Дашмир, Кризен штаб за помош на Шипковица.
Активно се расчистува и во Голема и Мала Речица.
„Бараме мали багери, овде ништо не може да се расчисти рачно“, вели еден жител
„Работилницата ми е полна над метар и половина, каналот, колата внатре, машинеријата, компресорот, се што има во една комплетирана механичарска работилница, тоа се е уништено“, додава друг.
Ако се работи со оваа динамика, ќе бидат потребни неколку недели за да се исчисти патот.
„Се е затрупано, лом е направено, има рушени куќи многу, полне е патот нагоре, затоврено е се“, вели еден багерист кој го затекнавме.
Во невремето што го зафати тетовско, оштетени се повеќе од 200 куќи, а штетата се проценува на повеќе стотици илјади евра.
Анита Димитријевска