Мигрант уапсен на крајот на Евротунелот
Низ тесните премини издржал многу високи температури и промени на притисокот, постојано во опасност да се онесвести под воз или на шините низ кои тече смртоносна струја. Кај 25-тиот километар го активирал алармот – француската полиција го барала со силно светло и сепак не го нашла...

Опасен маратон на живот или смрт во Евротунелот под Ла Манш. На последниот спринт до остварувањето на сонот, 40-годишниот судански мигрант Абдул Рахман Харун беше запрен од британската полиција. Од францускиот град Кале до Кент на британската страна од каналот, 11 часа низ тунелот долг 50,5 километри пеш, скокнал четири огради, избегнал 400 безбедносни камери.
Низ тесните премини издржал многу високи температури и промени на притисокот, постојано во опасност да се онесвести под воз или на шините низ кои тече смртоносна струја. Кај 25-тиот километар го активирал алармот – француската полиција го барала со силно светло и сепак не го нашла.
Британската го чекала на другата страна. Обвинет е за попречување на возови и му се заканува затворска казна, но има право да побара азил. Мигрантите обично се кријат во товарните вагони, не се осмелуваат да трчаат низ тунелот поради големата брзина на возовите од околу 160 километри на час.
Ваквите нелегални упади се ретки и исклучително опасни, велат надлежните.
„Се обидувам секој ден и секоја ноќ, бидејќи гледам да биде подобро. За мене е подобро во Англија. Помалиот брат беше со мене до пред два часа, но отиде низ железницата кон Англија“, вели еден мигрант.
Леснотијата со која ги поминал пречките повторно покрена сериозни прашања за мигрантскиот хаос на француската граница. Откриени се 180 луѓе, а 20 од нив се уапсени. Сепак, по преземените мерки, упадите во изминатите денови се намалиле на 400 дневно, велат од Евротунелот.
Околу 3 илјади мигранти кампуваат во Кале и многу од нив секоја ноќ го повторуваат обидот да стигнат до Велика Британија.
Ивана Салтировска
