Ирската компанија „Barracuda FX“ ќе инвестира во Македонија

11.08.2015 10:46

На својата интернет страница компанијата објави дека одлуката за проширување на деловните активности во Македонија е официјализирана. „Barracuda FX“ е лоцирана во Даблин, соработува и испорачува софтверски услуги за најреномирани светски банки и финaнсиски институции...

Водечкиот ирски провајдер на софтверски решенија за глобалниот финансиски пазар „Barracuda FX“ ќе инвестира во Македонија.
 
На својата интернет страница компанијата објави дека одлуката за проширување на деловните активности во Македонија е официјализирана.
 
Како што соопшти Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, „Barracuda FX“ е лоцирана во Даблин, соработува и испорачува софтверски услуги за најреномирани светски банки и финaнсиски институции, а е носител на престижни интернационални награди и признанија.
 
Во конкуренција на повеќе првично селектирани земји и како резултат на упорната работа на владиниот економски тим за реализација на овој проект предводен од вицепремиерот Владимир Пешевски и заменик-директорот на Инвест Македонија, Климент Шеќеровски, Македонија е избрана како најповолна дестинација за идните развојни планови на „Barracuda FX“, информира Агенцијата.
 
Активностите за отворање центар за истражување и развој во Македонија, ирската компанија, најавува, ќе ги почне наскоро. Тоа ќе значи можност за вработување, обука и доусовршување на домашен кадар од информатичките науки.
 
Според вицепремиерот Пешевски, задоволството од успехот да се привлече ваква респектабилна компанија е огромно и е последица на макотрпна работа, низа владини реформски проекти и континуиран ангажман за креирање севкупен поволен деловен амбиент во Македонија, како и негување долгорочно партнерство со бизнис заедницата.
 
Шекеровски смета дека влезот на „Barracuda FX“ ќе биде поттик и за други ирски компании да дојдат во Македонија. Остануваме посветени на креирање нови можности и отворање нови перспективи за македонските граѓани, вели Шеќеровски.