Крај на надежите за групна фаза

27.08.2015 22:25

Резултатски за само еден гол, но реално за класа поголем квалитет којшто го покажа Рубин во реваншот. Четврфиналистот од УЕФА Европа лигата пред две сезони беше подобар противник...

Дебармаалската бајка заврши. Резултатски за само еден гол, но реално за класа поголем квалитет којшто го покажа Рубин во реваншот. Четврфиналистот од УЕФА Европа лигата пред две сезони беше подобар противник. Го диктираше темпото, создаваше шанси, имаше повеќе шутеви, а кога се бранеше го блокираше протокот на топка кај Работнички. Затоа победата со 1-0 и не е најреален одраз на настаните на теренот на „Централинии стадион“ во Казањ. По шансите на Дјадјук и на Канкуников и на одличните интервенции на голманот Божиновски, голот на Карлос Едуардо го реши победникот.

Иако на Работнички му требаше гол и пред водството на Рубин, не успеа да се наметне. Напротив, на почетокот на вториот дел рускиот состав пропушти можност да ги отстрани сите дилеми. Стативата на Канкуников и шутот од далечина на Едуардо го оставија Работнички во позиција да се надева се до завршниот судиски свиреж. Рубин се повлече, но се бранеше активно, а средниот ред на скопскиот тим не можеше да ја префрли топката од својата половина до противничкиот шеснаесетник. Едноставно беше немоќен. Ударот со глава на Анене или обидот да проигрува кон Алтипармаковски, остана изолирана полушанса за Работнички кој вторпат не го минува баражот во УЕФА Европа лигата. Претходно, не успеа и во 2012-та кога загуби од Лацио.

Сепак, и покрај денешната елиминација, останува наша најсветла точка во настапите на евросцената, не само оваа сезона, туку и воопшто.