Осветен камен темелникот на новата црква во Велес посветена на Св. Јован

31.08.2015 10:31

Осветен е камен-темелникот на новата црква во Велес, посветена на Св. Јован. Земјиштето за новиот сакрален објект го отстапи АРМ, а МПЦ планира црквата да бида изградена за една и пол година...

Осветен е камен темелникот на новиот храм во Велес посветен на претходникот и крстителот Свети Јован. Лоциран е во кругот на касарната кај месноста Багремче. Молитвен собор за благословување одржаа поглаварот на македонската православна црква г.г. Стефан и Митрополите дебарско – кичевски Тимотеј и Агатангел Повардарски. Овие градби ја прават Македонија земја црква, тврдина на верата и долина Господова.

Затоа и секоја нова градба на храм, на црква во македонската земја е надградба на древните и длабоки христијански темели, продолжеток на вековната традиција на сакрални дела во Македонија“, изјави поглаварот на МПЦ, Г.Г. Стефан.

Убави цркви се само полни цркви. Храмот бил и останува најдобрата училница на животот, на моралот и на духовните вредности.

Како што светиот пророк Јован повикуваше на покајание, така и ние од ова свето место ја повикуваме нацијата на обединување за да опстои нашата света македонсла црква и оваа наша прекрасна и убава света Македонија“, изјави Митрополит Повардарски Агатангел.

За да продолжиме една долга традиција на нашиот народ по сите краеви, откако името Христово е прифатено во душите на нашите прадедовци, се градело во слава на Бога и на неговите светии.

Јас сум многу среќен што со поддршка на општината, на Министерството за одбрана создадовме услови нашиот Архиереј Митрополитот Агатангел да ја започне. Ќе бидеме со него, ќе помагаме, и сигурен сум дека ќе значи еден нов и духовен но и добар почеток за нашиот град“, рече Илија Димовски пратеник во Собранието на Р.М.

Земјиштето на кое се гради црквата го отстапи АРМ, додека деталниот урбанистички план Советот на општината го донесе едногласно.

„Успеавме да ја извадиме цела потребна документација и еве денеска пред бројното население на овие урбани заедници се ставија камен темелниците на новата црква во градот. Јас се надевам дека ќе биде готова во предвидениот рок. Истовремено ова е од големо значење за сите жители овде“, изјави Славчо Чадиев, градоначалник на општина Велес.

Црквата Свети Јован во Велес ќе се гради со средства обезбедени од повардарската Епархија со покровителство на општина Велес, како и со донации и доброволни прилози. Градежните работи ќе ги изведува Тргоцемент од Велес. Се очекува истата да биде готова за годинаипол. На осветувањето на камен темелникот претходеше заедничка молитва во реновираниот храм посветен на Мајката Божја.

 

Дијана Иванова