Коморски инвестициски форум за развој на Западен Балкан
За да се постигнат резултати, треба да се работи на заеднички инвестициски проекти, велат од Стопанската комора на Македонија...

Коморскиот инвестициски форум, за кој потпишаа договор државите од Западен Балкан на неодамнешниот самит во Виена, треба да овозможи јакнење на регионалната соработка и привлекување инвестиции. За да се постигнат резултати, треба да се работи на заеднички инвестициски проекти, велат од Стопанската комора на Македонија.
Според Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, приоритетни сектори на Коморскиот инвестициски форум ќе бидат сообраќајната и енергетската инфраструктура и комунални дејности, подобрување на деловното и инвестициското опкружување и развој на приватниот сектор.
За Македонија, приоритет е целосна функционалност на Коридорите 8 и 10. Моментно активно се работи на изградба на преостанатиот дел од автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија- Смоквица, како и на изградба на дел од автопатот од Коридорот 8, Кичево-Охрид и Скопје-Штип.
