Инфраструктурни инвестиции за подобар живот
Локалниот пат Николиќ-Дојран ќе се проширува и ќе стане регионален. Се очекува овој проект да заврши за 6 месеци. За жителите од тој регион, се решава горливо прашање. Делницата им е важна и за економијата и за туризмот...

Означен почетокот на градежните работи на патот Николиќ-Дојран. Овој пат, од локален ќе стане регионален. Се очекува комплетно да биде завршен за 6 месеци.
„Ќе се инвестираат 1,4 милиони евра, а беше дел од ветувањата во нашата програма“, нагласи премиерот Никола Груевски.
За жителите, се решава горливо прашање. Делницата им е важна за економијата, но, и за развој во туризмот.
„Го рехабилитираме овој регионален пат, кој е од огромно значење за сите жители на Дојран и сите останати на кои овој пат им е неопходен“, изјави министерот за траљнспорт и врски, Владо Мисајловски.
„Не само за с. Николиќ кое се поврзува со Дојран, туку е мошне значаен и за индустријата“, дополни градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Од Владата најава дека во наредниот период ќе се реализираат низа проекти во Дојранскиот регион. Планирана е реконструкција на главниот колекторски систем за кој се обезбедени 3 милиони денари, изградба на плоштад, како и на затворен и отворен пазар во Нов Дојран, проект вереден 16 милиони денари. На ниво на држава, за 6 експресни патишта во вкупна должина од 126 километри, чија реконструкција, е веќе започната или ќе започне, ќе бидат инвестирани околу 276 милиони евра.
„Станува збор за значајни средства, крупни пари, за околу 126 километри пат кој што ќе биде од голема корист за граѓаните не само за тој регион, туку и за граѓаните на цела Македонија. Тоа се експесни, регионални патишта, низ кои патуваат луѓе од целата земја, туристи, странци“, истакна премиерот Груевски.
Од Дојран најавена и реконструкцијата на автопатот Гевгелија – Смоквица, вредна 7 милиони евра.
Миле А. Ристески
