Продолжува напливот на мигранти, војската останува на границата
Откако ќе бидат прифатени во транзитниот центар кај Гевгелија, со организиран железнички и автобуски превоз се упатуваат кон Табановце, а оттаму кон Србија. Нивна посакувана дестинација се западноевропските земји, најчесто е Германија...

На јужната граница е мирно, без тензии, но продолжува напливот на мигранти што влегуваат од Грција. Надлежните будно ја следат ситуацијата.
Првите луѓе на Одбраната и на Армијата беа информирани за ангажирањето на припадниците на АРМ, за соработката и координацијата со другите надлежни институции и локалната самоуправа, како и со практичното извршување на задачите со полицијата за спречување на илегалниот премин од мигрантите.
Откако ќе бидат прифатени во транзитниот центар кај Гевгелија, со организиран железнички и автобуски превоз се упатуваат кон Табановце, а оттаму кон Србија. Нивна посакувана дестинација се западноевропските земји, најчесто е Германија.
Тимови на УНХЦР и на Црвениот крст даваат прва помош. Долгиот пат и топлото време, причини и за колапси.
АРМ на дел од јужната граница беше ангажирана од врховниот командант Иванов,по владината одлука за прогласување кризна состојба пред 10 дена. Сите нелегални премини се затворени.
Подобрената координација со грчките власти даде резултати. Прифатот и транспортот на мигрантите се организирани. На граничната линија се пропуштаат на секој час.
Просечно дневно се издаваат и над илјада потврди за искажана намера за барање азил, велат од МВР. Најголем дел се Сиријци. Меѓу нив има и деца кои немаат придружба од родител. За два и пол месеца, нешто повеќе од 50 илјади мигранти минале низ Македонија.
Милчо Велески
