Објавен оглас за закуп на државно земјоделско земјиште

31.08.2015 16:40

Оглас за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Понудени се 4.750 хектари во триесет општини. Еден понудувач може да аплицира за максимум три хектари. Почетната цена е од 2 до 25 евра...

Нова шанса за сите земјоделци кои сакаат да ги зголемат површините и да обработуваат до 3 хектари државно земјоделско земјиште. Министерството за земјоделство објави јавен оглас за давање во закуп на вкупно 4.750 хектари во 30 општини. Портпаролот Ѓорѓиев вели дека со огласот, Владата сака генерално да постигне 2 стратегиски цели.

„Првата е што поголем број индивидуални земјоделци да се стекнат со можност да се здобијат со земјиште и на тој начин да се самовработат, да вработат други лица и да ја остваруваат својата лична и семејна егзистенција. Затоа и границата на максимално дозволената површина што може да ја добие еден подносител е симната до 3 хектари. И втората статегиска цел е токму земјоделците што живеат во атарот каде што се дава земјиштето под закуп, да имаат приоритет во добивање на тоа земјиште“, соопшти портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.  

Закупот е во траење од 15 до 70 години во зависност од активноста и од земјоделската култура што ќе се одгледува. Почетната цена по хектар изнесува од 5 до 25 евра годишно.

Право на учество имаат домашни и странски, правни и физички лица кои немаат  склучен договор за закуп за државно земјиште со Министерството за земјоделство, а понудите треба да бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата до 29 септември годинава. Главни критериуми за избор ќе бидат оддалеченоста на парцелата од местото на живеење на понудувачот, понудената закупнина и правниот статус.

 

Свето Николовски