СДСМ влезе во Собранието

31.08.2015 17:05

По година и половина бојкот, СДСМ влезе во собранието. Претседателот на законодавниот дом, Трајко Вељаноски порача дека тоа е местото каде што се решаваат проблемите со кои се соочува земјава. „Имаме обврска пред народот како политичари да си подадеме рака на единство“, изјави тој. Ставовите на партиите и на амбасадорите беа искажани на одбележувањето на соработката меѓу парламентот и Вестминстер фондацијата за демократија...

Собранието од денеска не официјално функционира во полн состав. Велам не официјално затоа што по повод продолжувањето на соработката со Вестминстер фондацијата за демократија, опозицијата седна во Парламентот еден ден пред најавеното враќање.

Претседателот Трајко Вељаноски по потпишувањето на меморандумот се обрати кон пратениците. По Вељаноски следуваа обраќања и на пратеници од сите пратенички групи. Рената Десковска, како претставник на СДСМ рече дека спроведувањето на договорот од Пржино е сериозен предизвик за Собранието кој ќе мора да го исполни.

Во Собранието нема, ниту пак смее да има монопол за која било пратеничка група. Истакна претставникот од ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Илија Димовски.

Начинот на кој ќе се спроведува договореното од Пржино е исклучително важно за ДУИ, бидејќи според партијата на Ахмети, отстапките може да рефлектираат други пробелми.

Денешниот настан во Собранието го проследија неколку амбасадори на земји-членки на Европската унија, како и американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли. Претставникот од Велика Британија, амбасадорот Чарлс Гарет посочи дека утре е важен ден за демократијата на Македонија.

Во своите обраќања, сите говорници потенцираа дека собранието мора да ја врши неговата функција зашто тоа е од исклучителна важност за демократијата на Македонија.

 

Катерина Топалова