Францускиот премиер најави изградба на хуманитарен камп во Кале

01.09.2015 10:47

Европската унија ќе даде околу 5 милиони евра за финансирање на кампот кој ќе има капацитет за околу 1.500 луѓе...

Францускиот премиер Мануел Валс најави изградба на хуманитарен камп во Кале каде што има неколку илјади бегалци, што предизвика критика кај опозицијата, десницата и екстремната десница во Франција.

Валс меѓудругото истакна и дека градењето ќе почне пред почетокот на 2016 година. Европската унија ќе даде околу 5 милиони евра за финансирање на кампот кој ќе има капацитет за околу 1.500 луѓе.

Кале е едно од жариштата на кризата со бегалци кои ова лето пристигнуваат во Европа во невообичаено голема бројка. Во почетокот на јуни, најмалку 10 мигранти загинаа кои преку тунелот Ла Манш се обидуваа да стигнат до Велика Британија во потрага по подобро утре.