Не стивнува бранот мигранти, Унгарија ја затвори железничката станица

01.09.2015 15:44

Владиниот потпарол Золтан Ковач соопшти дека со оваа постапка се спроведуваат европските закони, односно секој кој сака да патува во Европа мора да има соодветни патни исправи и шенгенска виза...

Уште една бариера на патот на илјадниците мигранти од Сирија, Авганистан и Еритреја. Изутрината Унгарија на неколку часа ја затвори железничката станица „Келети“ во Будимпешта. Во моментот таа е отворена, но само за жителите на Унгарија и за странските туристи, но не и за неколку илјади бегалци кои нервозни се обидоа да ја турнат оградата и да влезат на пероните.

Полицијата успеа да го задржи редот. Владиниот потпарол Золтан Ковач соопшти дека со оваа постапка се спроведуваат европските закони, односно секој кој сака да патува во Европа мора да има соодветни патни исправи и шенгенска виза.

На патот до посакуваната цел, вчера 3.650 мигранти со воз пристигнаа во Виена, што е рекордна бројка за еден ден. Ноќта ја минаа на железничката станица. И во Германија бранот бегалци е голем, а полицијата ги стационира во воени бараки во близина на градот Росенхајм. Германската канцеларка Меркел и шпанскиот премиер Рахој ја повикаа Европската комисија да реагира брзо, за да се реши проблемот на бегалците.

„Во Грција и Италија е неопходно да се направат азилантски центри во кои ќе бидат регистрирани бегалците. За критериумите за спроведување мора да разговараме во Берлин. Треба да соработуваме, а не меѓусебе да се обвинуваме“, изјави канцеларката Меркел.

20 илјади луѓе синоќа протестираа во Виена поради лошиот третман на бегалците активистите кои го организираа протестот сметаат дека властите би требало да ги подобрат условите за бегалците. Меѓународната организација за миграција соопшти дека од почетокот на годината 350.000 луѓе  преку Средоземно Море пристигнале во Европа, додека 2.600 го загубиле животот на долгиот пат.

 

Марија Петковска