Нови вработувања преку грантови за микро и мали бизниси
Досега преку проектот „Македонија вработува“ се отворени над 5.200 работни места. Младите до 29 години – најбаран кадар на пазарот на работна сила. Надлежните најавија нова мерка – ќе се доделуваат грантови за микро и мали бизниси – стимулација за нови вработувања...

За четири месеци 5.240 луѓе се вработиле преку проектот „Македонија вработува“. Мерките и поволностите ги искористиле 3.525 приватни компании. Од нив, според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, дури 3.006 компании имаат до 10 вработени.
„Најголемо учество имаат помладите генерации, односно до 29 години кои се вработуваат преку мерката една плус една година ослободување од персонален данок и социјални придонеси. Преку оваа мерка се имаат вработено 1.472 млади лица до 29 години. Преку мерката за вработување на лица до 35 години, односно три години ослободување од социјални придонеси со плус една година работодавачот да го задржи на работа, вработени се 1.924 лица, од 35 до 50 години 688, и над 50 години 832 лица“, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
Нови 200 вработувања ќе овозможи оваа мерка. Со финансиска поддршка за микро и мали компании ќе им се помогне на работодавачите за отворање нови работни места. Фирмите што ќе аплициираат треба да достават бизнис –планови. Услов за добивање на грантот е и компаниите да го немаат намалено бројот на вработени од крајот на декември минатата година и да не должат јавни давачки. За секое одобрено ново работно место компанијата ќе добива по 92 илјади денари. Јавниот повик ќе трае до 16 септември. Се очекува можноста да ја искористат поголем број домашни компании. За реализација на мерката за годинава се предвидени над 18 милиони денари.
„Тим којшто е составен од преставници на Министерството, Агенцијата за вработување и од УНДП којшто го надгледуваат процесот ќе се вклучи во разгледување на бизнис плановите, оценување на нивната валидност и на крајот ќе биде изборот на 200 вработувања во кои компании ќе се реализираат бидејки една компанија може да добие до пет работни места, најдобриот бизнис план ќе добие пет работни места“, изјазви директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Мерката се реализира од 2010-та година и досега се одвоени 41 милион денари. Отворени се 446 нови работни места, а поволностите ги искористиле 307 компании.
Сунчица Николовска
