Финансиска инјекција за малите и средни бизниси во земјоделството

01.09.2015 16:55

11 милиони 770 илјади евра, финансиска инјекција за малите и средни бизниси во земјоделството. Евтини кредити за 55 компании. Преку Македонската банка за поддршка на развојот со три насто каматна стапка, најмногу пари се слеале во винскатата и конзервната индустрија...

Земјоделските фирми, откупувачите и извозниците можат лесно да дојдат до свежи пари за финансирање на примарното земјоделско производство, преработката и пласманот на странските пазари. Каматната стапка е фиксна, изнесува само 3% годишно, а рокот на враќање за набавка на основни средства е до 5 години, а првата рата ќе пристигне за плаќање по 1 година. За обртни средства рокот е 1,5 година, со вклучен грејс период од 3 месеци. Микро, малите и средните фирми можат да користат кредити во износ до 300 илјади евра, односно до 500 илјади, за откуп на грозје, пченица, овошје и на зеленчук. Средства има доволно.

„Досега 55 земјоделски компании ги имаат искористено овие поволни финансиски средства. Сумата се движи некаде околу 11 милиони и 700 илјади евра со кои се отворени стотици работни места, што значи дека имаме позитивни моментуми во фазата на позитивното движење на самиот земјоделски сектор, но имаме и конкретен бенефит за самите комании кои ги користат овие средства, се разбира и за индивидуалните земјоделски производители кои се непосредно поврзани со  истите“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.  

Одобрените средства од Македонската банка за поддршка на развојот биле искористени во повеќе гранки. Најмногу, дури 29% искористила винската индустрија, а 24 конзервната. Млинарите и пекарите биле застапени со 19, а сточарите со 12 %. Месната и млечната индустрија искористиле 5, односно 2% од вкупната сума. Особено е значајно што фирмите од земјоделскиот сектор овие средства можат да ги користат и во периодот на откуп, кога при ограничена ликвидност по правило се јавува проблем со исплата на сите откупени производи во краток временски период. Од банката велат дека можат да им помогнат на сите земјоделски фирми со совет, но и со водење на целиот процес, се до одобрување на бараните средства.

 

Свето Николовски